Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје, известува дека во наредниот период поради целосна реконструкција на асфалтот на коловозот на ул. Перо Наков, на дел од оваа сообраќајница, на потегот од крстосницата со ул. Вера Радосављевиќ до к-цата со бул. Киро Глигоров, ќе биде воведен времен сообраќаен режим и на овој дел од улицата во фази и делумно нема да се одвива сообраќај.
Овој режим се воведува поради изведување на градежни активности (реконструкција) на предметната делница и го опфаќа начинот на функционирање на сообраќајот за време на целиот период на реконструкција , каде што моментално се одвива двонасочен сообраќај на две сообраќајни ленти (вкупна широчина 7,0 м), двонасочно, со постоечки приклучоци кон индустриски објекти и користење за јавен градски превоз. Бидејќи ул. Перо Наков се наоѓа во средижтето на индустриската зона во општина Гази баба, од логистички причини реконструкцијата ќе се одвива фазно, претежно во ноќните часови, а поради градежните зафати ќе се извши дислокација на постојните автобуски стојалишта и пренасочување на возилата на Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје (ЈСП), па така автобуските линии кои до сега сообраќаа на овој потег, во наредниот период ќе возат по бул. Киро Глигоров, па оттука по бул. Александар Македонски и ул. Благоја Стефковски. За време на изведување на работите, сообраќајот ќе се одвива на лента со минимална широчина од 2,75 метри. Отстранувањето на асфалтот ќе се врши наизменично, во должина од околу 100 до 200 метри, прво на едната, па потоа на спротивната сообраќајна лента. Пристапите до објектите ќе бидат затворени исклучиво во фазите на отстранување на стариот асфалт и при асфалтирањето пред нив, со барање за повремено пропуштање кога е тоа оперативно возможно. Сообраќајот ќе биде регулиран со наизменично пропуштање на возила, кое ќе го вршат овластени лица. Асфалтирањето ќе се врши наизменично, во должина од околу 500 метри, прво на едната, па потоа на спротивната сообраќајна лента. Фазите на асфалтирање препорачано е да бидат изведувани за време на викенд (сабота или недела) или во денови кога има намален сообраќаен метеж.
ЦУКС апелира до сите возачи да бидат внимателни ако се приближуваат кон овој потег и да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот. Времената измена на сообраќајниот режим ќе важи до завршување на активностите.

Screenshot
